Во врска сум со женет човек. Дали нашата афера ќе го преживее карантинот?

Часот е 5.41 и загрижена сум. Дечко ми обично ми се јавува во 5.30 и во ова необично време, потребен ми е овој секојдневен чек-ин. Работата е што, јас не можам да му се јавам. Лео е женет и во изолација со жена му и нивните две деца. Доволно беше тешко што сум љубовница кога сѐ беше во ред, но ковид-19 на нашата врска ѝ даде сосема нова димензија.

И јас и Лео сме писатели. Се запознавме на книжевен фестивал минатиот јуни. Јас имам 51 година, од Лондон сум и тазе сум разведена, со ќерка на факултет. Лео има 49 и живее во близина на Манчестер. Знаев дека е женет: не носеше прстен, но еден од првите разговори ни беше за семејни одмори. Не би рекла дека беше љубов на прв поглед, но беше забавен и паметен. Добро изгледа, да, но мене ме привлече неговиот карактер, зрачеше со хумористична топлина.

Знаејќи го ова и почитувајќи ги границите (женетите мажи се забранети) се поздравив и си влегов во кола. Но, два дена подоцна, на мое големо задоволство, добив порака на Фејсбук. Забавните пораки се префрлија на Вацап, и на крај на телефон. Наскоро разговаравме два пати дневно, често со часови – жена му оди на работа, а Лео работи од дома – и сакаше повторно да се сретнеме. Го одбив неколку пати, но и двајцата знаевме дека кога-тогаш ќе се случи.

Во ноември, имавме една страсна средба во Лондон. Да, имавме секс – прв пат спиев со друг човек откако ми се распадна бракот. Нервозата многу брзо ми испари и беше прекрасно. Главно, се смеевме и разговаравме.

Лео никогаш не кажал нешто негативно за неговата жена. Инсистира дека „таа е добра“, ама заедно се од 16 и сега се во некоја константна состојба на помиреност. Се чувствува како таа да го зема здраво за готово и веќе не се физички интимни. Сите грижи дека ме бара само заради секс многу брзо ги снема. Лео е привлечен и успешен писател; ако му требала авантура, сигурно би нашол некоја што му е барем поблиску. Не сум јас воодушевена од прељуба. Не е воопшто фер, а и жена му на Лео звучи како фина личност. Од друга страна, не чувствувам вина. Не сум ја сретнала, а тој вели дека упорно ги игнорира неговите барања да одат на советување за парови.

Последниве месеци, со Лео уживавме во неколку рандевуа, викенди, дури и четири дена во Франција. Кога знаевме дека коронавирусот доаѓа во Велика Британија, успеавме да извлечеме и една последна средба. Беше многу интензивна, полна со љубов.

Неколку пати сме зборувале за иднината. Лео е тој што ги издржува неговите тинејџери и од старт ми кажа дека тие му се приоритет. Заеднички живот планираме откако помалото дете ќе го напушти домот, односно за четири години. Заради ова уште повеќе го почитувам и го сакам. Јас можам да чекам: зафатена сум со работа, пријатели, ќерка ми. Знам дека некои луѓе ќе превртат со очи, но Лео ми кажува дека бракот му е готов и јас бирам да му верувам. На критичарите би им рекла, што би направиле вие ако го сретнете партнерот од вашите соништа, заглавен во брак на кој одамна му поминал рокот?

Деновиве, можеме да зборуваме само кога Лео оди да трча – а не може по 20 пати во денот да трча. Но, овие секојдневни разговори ми даваат живот. После четири недели во изолација, Лео ми кажува дека односот со жена му станува полош (не уживам во ова.) Таа е се разбира, нервозна и захтевна. Децата полудуваат. Тој готви и гледа да ги држи расположени, но веќе се уморува.

Помалку оптоварена со семејни обврски, се обидуам да го насмеам и наскоро и тој мене ме засмејува. Разговорите не се толку интимни (се јавува од улица во предградие, сепак.) Наместо тоа, си искажуваме љубов преку психолошка поддршка и фантазирање за нашата следна средба. А околу вирусот, Лео е здрав маж во доцни 40-ти, ама сепак се грижам. Ако се разболе, немам идеја како би дознала, освен од тишината. Не му го знам домашниот телефон, ни адресата; сум сретнала само еден негов другар. Ако се случи најлошото, ќе бидам онаа мистериозна жена што ја гледаш на филм, негде на крајот од гробиштата, со големи очила за сонце и црн мантил.

Најтешко е чувството на немоќ што доаѓа со комуникацијата што може да се одвива само на еден начин. Анксиозноста настрана, јас сум нетрпелива личност што не ужива баш да чека. Денес, кога Лео конечно ќе се јави пред 6 часот, нервозата ќе исчезне – делумно заради олеснување, делумно заради емпатија.

Прашањето е: дали сакам да продолжувам со ова? И којзнае како ќе биде кога нештата ќе се вратат во нормала. Мојата филозофија е: ако не ни успее, ќе бидам многу вознемирена, но не и уништена. Мојата корона-афера ме научи дека повторно можам да сакам и после ужасен развод – и можам да бидам сакана за возврат.

By admin

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *