Земјоделието е нашиот живот, произведуваме, жито, пченка, тутун, вели Николче Станковски (37), земјоделец од прилепското село Новоселани.

Семејството Станковски од дедо, прадедо се занимава со земјоделие, а Николче професионално ја обработува земја со примена на сите агротехнички мерки од 2006 година. Станковски обработува 19 хектари земја во плодната Пелагонија, од кој 9 хектари во негова лична сопственост. Сепак, како млад земјоделец иако четири пати аплицирал за мерката за поддршка на младите земјоделци, не успеал да земе грант. Тој ја поседува комплетната механизација за културите кои ги произведува, два трактори и приклучна механизација, а веќе започнал да гради и објект-сушара за тутун.-Тутун обработувам 3,5 хектари, над 10 хектари житарица, во останатиот дел пченка и пролетни култури. Неколку сезони по ред сум презадоволен од пченката и пченицата која да предадов по цена од 10,5 денари за килограм, имам добар приход, но ги применувам сите агротехнички мерки навремено. Сеење со квалитетен семенски материјал, квалитетни ѓубрива, се по ред и затоа сум задоволен од приносите. Кога цената е добра и плус ако се субвенциите навремено исплатени житото е рентабилно да се работи, вели Станковски, но сепак напоменува дека државата мора да вложува во земјоделците и да носи поволни политики за самите производители, а не да им дава субвенции на откупувачите на жито и на мелничарите. Зошто откупувачите и мелничарите се богатат на грбот на земјоделците.

Катастрофалниот откуп на тутунот ги „изгоре“ тутунарите

Годинешниот откуп на тутунот ги „изгоре“ тутунарите и им нанесе голема штета. Како тутунар, Станковски годинава брои големи финансиски загуби од откупот на тутунот. Првичните проценки се дека од годинешната реколта е покус за 11.000 евра.

-Годината беше врнежлива и со голем род, произведов околу 7,5 тони тутун. Ланската реколта ми беше втора рекордна година со високи приноси на тутун. Но, сега за жал, бројам загуби заради целокупната состојба со откупот на тутунот. Во просек предадениот тутун го дадов за 137 денари, во однос на трошоците оваа сезона едвај се покриваме, се пожали Станковски.

За најголем дел од род, за 6 тони тутун, Николче имал склучено договори за откуп со тутунските компании. Остатокот од 1,5 тони се должи на родната година и како што вели нашиот тутунар, родот беше на нива, зошто да не се собере и да се остави да скапува.Градба на новата сушара за тутун

-Со оглед дека најголемиот проблем годинава е вишокот на тутун, можеби попаметно ќе беше да го оставевме родот на нива, вака само си направивме дополнителни проблеми. Досега успеав да го предадам договорениот тутунот, за остатокот се надевам дека ќе се откупи, барем дел и од него. Но, морам да кажам дека од нашата тутунарска мака повеќе заработија бензинските пумпи, земјоделските аптеки, државата што и ги плаќаме даноците и накрај наемните работници, ама не и ние вистинските тутунопроизводители, вели Станковски отворајќи го прашањето – што ќе биде со тутунарите ама и со државата, ако производителите ги остават нивите, ако ја продадат механизацијата и ако бараат социјална помош од државата за да преживеат?

„Тутунска надеж“ е надеж за тутунарите

Тутунарите се во голема неизвесност, дали годинава ќе успеат да склучат договори со откупните претпријатија за новата реколта и за колкави количини, бидејќи веќе е најавено дека новата реколта ќе се одвива со договорен откуп и со количина од 21.500 тони тутун. Николче Станковски е член на новоформираното здружение на тутунари „Тутунска надеж“, па неизвесноста и стравувањата дали ќе успее да склучи договори беше голема. За жал тој не успеа да склучи договори за новата реколата на тутунот, а не успееја и многу други тутунари кои беа гласни во своите барања. Тој смета дека откупувачите треба да склучуваат договори со тутунопроизводителите, но во договорите да стои 15% да биде оставено плус или минус за откуп. Што значи, да им се даде шанса на тутунарите ако има повеќе тутун да може да го пласираат, а не да им пропадне родот, зашто никој не може со сигурност да предвиди каква ќе биде годината и дали ќе имаат добар род. А не како годинава да не им откупува ни килограм повеќе од договореното.

-Неизвесно е дали ќе успеам да склучам договори за редовното и планирано производство на тутун, затоа што бев во првите редови на протестите на тутунарите како член на новоформирано здружение. Откупните претпријатија водат хајка против нас, тоа го потврдуваат и други наши членови, дека им се укинуваат договорите. Тука пред се станува збор за откупувачите Тутунски комбинат Прилеп и Секе, каде најверојатно ќе ги прекинат моите договори. Затоа сум во ситуација да не можам да ја планирам новата реколта, колку ќе садам не знам, вели нашиот тутунар.

Според Станковски целта на формирање на новите здруженија е самите тутунопроизводители да имаат влијание врз целокупната политика на производство и откуп на тутунот.

-Се формиравме како здружение, за нашиот глас да допре до Владата, до МЗШВ и откупувачите што се случува на терен со нас производителите. Од работењето на досегашните здруженија сите сме незадоволни, затоа што тие што ги водат старите здруженија работат за нивен личен интерес. Значи да си го предадат нивниот тутун и на нивни пријатели и да си склучат договори за себе за новата реколта. Нашата цел е да се исправи таа неправда затоа и повикавме да ни се приклучат стручни лица во области кои ја засегаат оваа проблематика со тутунот, вели Станковски.По разговорите на терен со тутунарите, Станковски вели дека за идната реколта мора да се регулираат цените по класи, да нема голема разлика, како што е случај годинава помеѓу цените на втора и четврта класа на тутунот.

-Мора се знае која берба во која класа ќе оди. Не може ‘врв’ тутун, 5-6-та берба да се цени 4 класа во вонредниот откуп, а и во редовниот се ценеше 3 класа. Значи тој тутун видовме дека тешко се ценеше 2 класа, а камоли прва. Предлагаме како здружение, во договорите точно да стои прва и втора рака ако се успешни да одат во втора класа, ако има оштетување во трета класа. Всушност 4 класа треба да биде со цена од 135-140 денари за да им се исплаќа на тутунарите да го работат тутунот. Трета и четврта берба ако е до 16 см листот да се цени прва класа, а се што е поголемо од тоа да оди во втора класа. А врвните берби да се ценат прва класа, 280 денари, вели Станковски и апелира до властите годинава да ги покачат субвенциите за тутунарите заради севкупната состојба со лошиот откуп на родот.

-Ако не се дадат повисоки субвенции за тутунот, за жал многу земјоделски стопанства ќе згаснат. Има тутунари што сакаат да ја започнат новата сезона, ама немаат со што. Државата мора да излезе во пресрет, за да не му се случи голем и дополнителен удар врз државната економија. Ако тутунарите немаат пари ќе нема ни за дуќанџиите, ако не работат тутун ќе се пријават како невработени. Целата ситуација ќе повлечи низа негативности и штети по државата. Сиромаштијата ќе се рефлектира на сите нивоа, вели Станковски.
Накрај Станковски порачува ако тутунарите бидат приморани да се откажат од производството на тутун Влада и МЗШВ да им понуди друга алтернатива.

-Министерството за земјоделие да прати стручни лица на терен, да ја испитаат почвата по региони и села и да ни кажат која култура успева во нашите ниви за да можеме да се трансформираме на други земјоделски култури, зошто ние не сме стручни во таа сфера, па нека ни пратат стручни лица за обука што да садиме. Ама да ни кажат и како да бидеме рентабилни, да ни обезбеди откуп и субвенции. Најавуваат дека можеме да се преориентираме на производство на сусам, ама таа работа за нас е непозната. Значи ние не се жалиме од работа, ами од нерегулиран пласман, затоа да ни обезбедат пласман за производството за да знаеме колку ќе заработиме годината за живот.
Извор: zelenaberza.com

By admin

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *